Водич низ СКОПЈЕ

Солунскиот Алкатраз

TR GR EN

Имало ли ќелии со поглед на море?

Ако до пред триесетина години сте сакале да имате поглед од највисоките точки во градот Солун, на располагање ви биле две опции: да го прекршите законот и да ве осудат на затворска казна, или да се вработите како затворски чувар или службеник.thessaloniki_alcatraz1_balkon3

Меѓу многуте изненадувања што овој град ги има за посетителите (за оние што сакаат да видат повеќе од шопинг-центрите и од продавниците на главните улици) е тврдината Ептапиргион. Оддалечена е нешто помалку од три километри од централниот кеј со познатата Бела кула. Тоа растојание не е ништо посебно на рамен терен, но овде треба искачување од најмалку еден час покрај византиските ѕидини.

Може да стигнете и со автомобил, но ниту тоа не е едноставно, зашто треба да поминете низ лавиринтот од тесни сокаци на стариот Солун. Ова е единствениот дел од градот што не бил уништен и целосно изменет по пожарот во 1917 година, туку го задржал духот од минатото.

Зошто би вредел еден таков физички или возачки напор? Затоа што Ептапиргион е една од најинтересните солунски приказни. Тврдината била изградена во времето на Византија, во 12 век, врз темелите на античко утврдување од пред новата ера. Тогаш била цитадела, односно утврден град на врвот од ридот. Откако отоманската империја го освоила Солун во 1430 година, ја претворила тврдината во воен објект. Но пред крајот на 19 век, Отоманците решиле да ја направат затвор. Изградиле нови објекти во внатрешноста и им ја смениле намената на ѕидините, кои веќе не служеле да го задржат непријателот надвор, туку да ги задржат затворениците внатре.

Затворската ера траела се` до 1989 година, кога последните осуденици го напуштиле Ептапиргион и биле префрлени во нов затвор. Грчките власти сепак заклучиле дека тврдината е културно-историско богатство на градот и не треба да се користи за таа намена. Но, затворските елементи се` уште стојат.

Додека се приближувавме кон ова здание, се прашувавме дали во него ќе се чувствува присуството на затворениците, бидејќи поминале само 25 години откако тие си заминале. Позитивниот одговор на тоа дојде веднаш, само што ја отворивме тешката железна врата што води во предворјето, пред импресивната главна порта. Колку само збунувачко чувство создава тоа. Од една страна пред вас стои масивна средновековна градба, со врвни камени орнаменти од византискиот и од отоманскиот период. Толку е голема што е невозможно да се фотографира целата. Окото го привлекуваат украсните детали.

thessaloniki_alcatraz4_balkon3thessaloniki_alcatraz19_balkon3

thessaloniki_alcatraz18_balkon3

Но од друга страна во нејзиното подножје стои затворската врата со познатото минијатурно прозорче низ кое чуварите гледале кој доаѓа.

thessaloniki_alcatraz24_balkon3thessaloniki_alcatraz29_balkon3

Ептапиргион не е обично место. Според податоците во водичите, тој бил озлогласен затвор, особено во периодите како диктатурата на Метаксас, окупацијата во Втората светска војна, грчката граѓанска војна и додека владеела воената хунта. Тогаш таму се носеле политички затвореници, а тешките времиња меѓу старите ѕидини се опеани во песните од жанрот „ребетико“. Таму почесто се споменува турското име на затворот, Једи Куле. И на двата јазика името значи „тврдина со седум кули“, но таа ги има десет.

Како изгледа да се посети вистински затвор, но како турист, без ниедна друга причина? Особено затвор кој е дел од живата историја, а не од некои дамнешни епохи? Влегуваме внатре, во тесниот ходник во кој осудените ги правеле последните чекори на патот кон ќелиите. Како што одиме низ тесниот сив премин покриен со зелена лозница, со секој чекор во нас се засилува борбата меѓу чувствата на восхитеност и на морничавост.

thessaloniki_alcatraz151_balkon3

thessaloniki_alcatraz16_balkon3

 

Уште неколку тешки железни врати со мали прозорчиња. Сите се заклучени. Се` е тивко. Дури и малкумината градежници што работат на реставрација на градбата не прават врева. Други посетители немаше во тој момент. Иако посетата на Ептапиргион е незаборавно искуство, само малкумина од оние што патуваат во Солун доаѓаат до овде, повеќето остануваат во пониските делови, блиску до морето.

 

Патот води само до скалите кон централната набљудувачница и двата моста што чуварите ги користеле за да ги надгледуваат затворениците одозгора.

thessaloniki_alcatraz11_balkon3

За жал, може да почувствувате само како било да се биде чувар, но не и затвореник. Оттука се гледа се` како на дланка: затворските згради, средновековниот бедем, како и дворот. Тој е поделен на четири дела. Едниот е празен, другиот е обраснат, третиот е полн со камени предмети ископани при скорешните археолошки истражувања, а во четвртиот се наоѓа тажната мала црквичка. Молитвите што таа ги слушнала, не се изустени на ниедно друго место во светот.

thessaloniki_alcatraz14_balkon3 thessaloniki_alcatraz8_balkon3

Се чувствува дури и затворскиот мирис. Застојан воздух. Слободен избор да ја вдишиме неслободата. Но имало ли ќелии со поглед на морето? Натписот во одделот за посетители вели дека во зградите што се доградени на јужната страна, од надворешниот дел на тврдината, биле сместени административните простории, женскиот оддел, воениот затвор и самиците. Таа страна има поглед на горниот град, но и на бродовите во далечината.

Во светот постојат многу поранешни затвори што се претворени во туристички атракции. Таква е, на пример, дури и познатата Кула на Лондон, во која се чувале затвореници до 1950-тите. Денес во неа се изложени кралските богатства на Велика Британија, а порано се чувале оние што ќе се обиделе да ги украдат. Но убедливо најпознат таков пример е островот Алкатраз веднаш до Сан Франциско, САД. Островот, кој се наоѓа на многу листи на најзастрашувачки места во светот, според официјалните статистики го посетуваат по 4.000 туристи дневно. Сан Франциско е далеку од овде, но Ептапиргион може да понуди слично доживување, барем до некој степен. Иако не е на остров, тој е солунскиот Алкатраз.

На Балканот има и други многу изразени примери на затворски туризам. Најпознат е хрватскиот Голи Оток, островот каде што се носеле политички затвореници во социјалистичка Југославија. Затворот работел 40 години, низ него поминале над 16 илјади затвореници, а околу 400 го загубиле животот таму. Меѓу другите места што потсетуваат на оваа приказна, иако е далеку од слично, е затворскиот остров наречен Алгатраз во црногорскиот дел на Скадарско Езеро.montenegro_algatraz_balkon3

Пејоративното име го добил бидејќи ја имал функцијата на Алкатраз во езеро полно со алги. Локалните туристички водичи ќе ви раскажат дека таму во минатото се носеле само затвореници-непливачи и поради тоа немало потреба од чувари. Но еден избегал пловејќи на дрвената врата од својата ќелија. Денес таму има само урнатини.

Гоце Трпковски

Коментари