Водич низ СКОПЈЕ

Румели Хисар – тврдина со најдобар поглед кон Босфорот

TR GR EN

Секој кој го посетил Истанбул, сигурно барем неколку пати се запрашал од каде има најубав поглед на Босфорот. Балкон3 Ви ја открива тајната како сите Ваши фотографии од протокот кој ги дели Европа и Азија да изгледаат како разгледници. Едноставно, посетете ја тврдината Румели Хисар, место богато со историја, каде можете да ги разгледате музејските експонати и да уживате во појадок со прекрасен поглед на Босфорот.
rumeli hisar_cover
Тврдината Румели Хисар се наоѓа во Саријер, област на Истанбул, на еден рид на европската страна на Босфор. Таа го дава името на населбата околу неа. Румели Хисар е изграден од страна на османлискиот султан Мехмед II, помеѓу 1451 и 1452 година, пред тој да го покори Константинопол. Трите големи кули биле именувани по трите везири на султанот, Халил Паша, Заганош Паша и Сарика Паша.
rumeli 15
Сместена е во најтесниот дел од Босфорскиот канал од 660 метри и е во непосредна (спротивна) близнина на Анадолски Хисар кој бил изграден во времето на Бајазит I. Местото било избрано со цел да се спречи помошта на престолнината која престигнувала преку Црното море за време на османлиската опсада. Во претходните опсади на градот, султанот најмногу се соочувал со проблеми поради блокадата на Босфор од страна на византиската флота. Тврдината која на ова место постоела во времето на Римската империја била користена како затвор, а подоцна на ова место постоел и манастир.
Во рамките на подготовките за освојувањето на Константинопол, Султанот Мехмед II (1432-1481), син на Мурат II, започнал да ја реализира изградбата на тврдината веднаш по неговото второ искачување на тронот во 1451 година. Тој ја одбил молбата за мир со византискиот император Константин XI Палеолог (1404-1453), кој ја разбрал пораката која султанот ја испраќал со изградбата на тврдината. Изградбата започнала на 15 април 1452 година. Секоја од трите главни кули биле именувани по пашите кои ја надгледувале нивната конструкција. Султанот лично на неколку пати доаѓал за да ја надгледува изградбата. Со помош на илјадници ѕидари и работници, тврдината била завршена во рекордно време од 4 месеци и 16 дена, на 31 август, 1452 година.
rumeli 1
Тврдината Румели Хисар се состои од една мала кула, три главни кули и тринаесет мали караули поставени и поврзани со ѕидините на тврдината. Тврдината која била дизајнирана од архитектот Муслихидин, во почетокот се нарекувала Богазкесен (Bogazkesen) што значи „тесно грло“ мислејќи на теснецот на Босфор. Подоцна таа била преименувана во денешното Румели Хисар, име кое во превод значи „тврдина на земјата на Римјаните“ т.е. византиска Европа.
rumeli 8
Своето значење тврдината го изгубила кога на бреговите биле изградени повеќе тврдини. Во 17 век таа се користела како затвор, пред сѐ за странски воени затвореници. Румели Хисар била делумно уништена од земјотрес во 1509 година, а веќе во следните години била на неколку пати реновирана. Во 1746 година, пожарот кој избувнал ги уништил дрвените делови на главните кули. Во времето на Селим III таа повторно била изградена. Од 1960 година Румели тврдина служи како музеј и отворен театар. Во замокот постои изложба на оружјата што се користеле при освојувањето на Истанбул, како што се топовски зрна и синџири.
rumeli 4 rumeli 3
Тврдината е отворена за посетители секој ден, освен во среда, во периодот помеѓу 09.30 и 16.30 часот. Влезот чини 5 турски лири (две евра).

Текст и фото: Кристина Ангелеска

Коментари