Водич низ СКОПЈЕ

Почнува Скопскиот филмски фестивал

Скопскиот филмски фестивал денеска по 15-ти пат ќе ги отвори вратите за љубителите на седмата уметност. Во наредните девет дена скопската публика ќе има можност да види дел од холивудските хитови, како и филмски остварувања кои го привлекоа вниманието на минатогодишните филмски фестивали во Кан, Венеција, Торонто и Берлин.

На вечерашното отворање на фестивалот во киното Милениум ќе биде прикажан филмот „Вознемирен“ на режисерот Гас ван Сент, приказна за пријателството помеѓу момче кое оди на погреби на непознати луѓе и девојка болна до неизлечива болест. Во рамките на гала програмата публиката ќе може да ги погледне филмовите: „Џеј Едгар“, биографска драма за контроверзниот директор на ФБИ, во режија на Клинт Иствуд, „Мартовски идеи“ на Џорџ Клуни, најновата екранизација на „Џејн Ејр“, „Дневникот на опивањето“ со Џони Деп во главната улога и „Тришна“ на Мајкл Винтерботом.

Од фестивалските остварувања ќе бидат прикажани: „Мораме да разговараме за Кевин“, „Рација“, „Жучко: повеќе од игра“ на српскиот режисер Гордан Матиќ, црногорскиот филм „Издигнување, последна глава“, со нашиот актер Владо Јовановски во една од главните улоги итн.

Според организаторите, круна на фестивалот ќе биде најновиот филм на Теона Стругар Митевска „Жената која ги избриша солзите“, кој ќе биде прикажан на на затворањето на 27-ми април. Позната шпанска актерка, Викторија Абрил која ја игра главната улога, ќе биде гостинка на македонската премиера на филмот, кој претходно гостуваше на Филмскиот фестивал во Берлин.

Во Кинотеката на Македонија во рамките на програмата Ретроспектива ќе бидат прикажани филмовите „Огледало“, „Ивановото детство“ и „Андреј Рубљов“ на познатиот руски режисер Андреј Тарковски и циклус јапонски филмови и холандски документарци. Целосната програмата можете да ја најдете на официјалната интернет страна на фестивалот http://www.skopjefilmfestival.com.mk/. (М.Т.)

Коментари