Водич низ СКОПЈЕ

Осум апсурди на балканскиот големодржавен национализам

EN

(Иако ги има милиони, односно сето тоа е еден голем апсурд, но сепак…)

absurd_balkon3

1. Секоја балканска држава смета дека треба да биде поголема од што е, до таа мера што би ни бил потребен барем уште еден Балкански полуостров за да се задоволат сите.

2. Но, никоја не смета дека треба да им земе нешто на другите, туку само дека треба да „си го врати своето“.

3. Сите држави имаат „историски аргументи“ дека треба да бидат поголеми, како стари мапи, камења од розети, пророштва и сведоштва, манастирски списи, и особено книги што се чуваат во западни музејски библиотеки „каде што вистината се крие за да не излезе на виделина“.

4. Сите, исто така, имаат замислен непријател – масони, илуминати, Ватикан, Билдерберг, англиската круна или некој друг, што со векови работи и крои заговори против нивното обединување, за да ги спречи да станат голема и силна држава што би го покорила Балканот, а потоа и светот.

5. Главната причина поради која сите овие држави се во тињата од секој аспект со кој се мери квалитетот на животот или животниот стандард, не се бара во тоа како ги водат нивните политичари, туку токму во „фактот“ дека не се обединети, зашто токму тој дел што им фали е клучен за да станат моќни и просперитетни. Секогаш тоа е најплодното поле, најбогатите планини, излезот на море, стратешките позиции, и особено светите места, кои би требало веројатно со некоја магична сила да направат државите да процветаат и да ги покорат другите, ама нивната сила со сите средства се чува затворена и не и` се дозволува да се ослободи

6. Но, од друга страна, „деловите што фалат“ не се ниту исчезнати, ниту потопени, ниту префрлени некаде на запад, туку повторно се под власт на некоја друга балканска држава, па колку и да се плодни, богати, стратешки или волшебни, ниту неа не успеале да ја извадат надвор од тињата.

7. Има една мала држава сред Европа, толку мала што одвај се гледа на карта, заглавена меѓу карпи и планини, завеана во снегови, одвај некоја нива да има, опколена со големи држави, оддалечена околу 200 километри од најблиското море, па според сите балкански географски „стандарди“ би требало да е пропадната, ама не е. Се вика Швајцарија.

8. Има и една друга држава што зафаќа речиси цел полуостров, а доминира и над тоа што не го контролира, владее и со земји што се нејзини и со територии што бараат да се отцепат од неа, но има широки плодни полиња, богати планини, две мориња, океан, стратешки не може да биде подобро позиционирана дури и да сака, а и со светињи е во суфицит, па сепак се дави ли се дави во новава европска тиња, и никако да излезе. Се вика Шпанија.

Гоце Трпковски

Коментари