Водич низ СКОПЈЕ

НАУЧНИКОТ ОД ДРУГА ПЛАНЕТА – БАЛКОН 3 ВО МУЗЕЈОТ НА НИКОЛА ТЕСЛА ВО БЕЛГРАД

EN

Милиони луѓе се преголеми за својот град, на илјадници им е претесно во државата во која живеат, а за стотици дури и границите на континентите лесно се прескокнуваат. Сепак, на прсти може да се избројат оние на кои целиот свет не им е доволен. Оние чии очи се вперени кон небото наместо кон земјата. За нив секоја држава е премала, секоја граница само замислена линија, а нивниот лимит не е небото бидејќи тоа што го замислуваат е далеку поголемо од она што го гледаат со своите очи. Името на овие малкумина барем еднаш во животот е изговорено од безмалку секој жител на планетава. Еден од тие луѓе е и Никола Тесла, можеби најбрилијантниот ум кој некогаш чекорел на планетата Земја. Ако ја знаете неговата големина тогаш ќе ви изгледа смешно кога ќе го видите малиот музеј на улицата Крунска во главниот град на Србија Белград.

Влезот на музејот на улицата Крунска

Гледајќи ја убавата, но скромна вила подигната во 30-тите години на 20-тиот век се прашувате како е возможно иновациите на Тесла да се сублимираат на толку мало место. Но сепак кога ќе ја отворите вратата од малиот музеј ќе ја видите големата слика од светот на научникот кој, меѓу другото , е главниот „виновник“ за  денешната наизменична струја која го напојува малиот лап-топ компјутер на кој е напишан овој текст.

 

Додека се собира малата петчлена група која во следниот час ќе има тура низ музејот на Тесла набрзина погледнуваме во книгата на впечатоци. Стотици потписи од САД, Германија, Кина, воодушевувања од посетители кои доаѓаат од држави од Африка, Азија, Јужна Америка како и вообичаените кавги, главно од посетители од Балканот, за тоа од каде потекнува Тесла иако овој човек очигледно е поголем од која и да било граница.

Водичот симулира како работи далечинскиот управувач на Тесла за придвижување на бродот

Набргу водичот во музејот, небаре по прв пат ги изговара зборовите, со голем жар не воведува во магичниот, мистериозниот и помалку налудничав свет на овој брилијантен научник. За оние на кои физиката и механиката им се шпанско село следи кратко објаснување на некои клучни зборови како индукција, трансформатор, наизменична струја…

Посетител испробува една од машините на Тесла

Музејот е интерактивно патување во кое вие како посетител ќе имате можност да ги почувствувате буквално на своја кожа изумите на Тесла. Додека петмина држиме неонки со различна боја кои наеднаш се осветлуваат по активирањето на големиот Теслин калем во центарот на музејот сите, барем за миг, се почувствувавме како Лук Скајвокер од Војна на ѕвездите.

Макета на првиот брод на далечинско управување

Следно е искуството со големата макета на брод со далечинско управување кој Тесла, верувале или не, го презентирал во 1898 година, долго време пред телевизорите да ги добијат своите први далечински управувачи. Кустосот го покажува големиот далечински управувач кој е најмалку сто пати поголем од оние денешните, сепак тој и денес го придвижува бродот. Кога пред повеќе од 100 години Никола Тесла си поигрувал со својот брод многумина меѓу кои и новинарите влегле во водата за да видат дали тој скрил некаде кабли со кои го придвижувал бродот. Токму овој и сличните изуми предизвикале новинарите да го наречат магионичар или луд научник. Животот на брилијантниот научник бил исполнет со доживувања кои може да се видат и во филмот на Кристофер Нолан-Престиж, во кој легендарниот Дејвид Боуви го глуми Никола Тесла.

Но, далеку од филмската „реалност“, животото на Тесла не бил лесен, живеел без голема желба за заработка, за признание или за светска слава. Така и починал, без „скршен денар“. За неговата смрт дознаваме кога влегуваме во темна просторија во музејот во која на средината благо осветлен стои објект во облик на топка. Токму кога мислевме дека од него ќе почнат да излегуваат светлосни зраци, водичот во музејот ни вели „Ова е најблиску што некогаш во животот ќе можете да бидете до Тесла, ова е неговата урна“.

Си заминуваме од малиот музеј на улицата Крунска во Белград со чувство дека големината на Тесла допрва ќе се открива. Тој можеби бил луд научник за своето време, но секако дека бил пророк на сегашноста, а и визионер на она што допрва следува. Тој едноставно е научникот од друга планета.

Коментари