Водич низ СКОПЈЕ

Нашата цел е да го направиме светот побезбедно и посигурно место за сите

GR EN

Интервју со Робин Лернер, заменик – помошник секретар во Министерството за образование и култура на САД.

Г-ѓо Лернер, повеќе од 300.000 странски државјани влегуваат во САД преку Програмата за размена на студенти (J-1 visa). Очигледно Соединетите Американски Држави се многу посветени на идејата за размена на студенти. Зошто е тоа така?

– Во последните 50 години Програмата за патување и работа во лето е една од најпопуларните можности за странските студенти да ги посетат САД и да научат нешто за нашата земја. Истовремено, програмата претставува најдобар можен начин, непосредно да влијаеме на создавање на позитивно мислење и ставови на младите од целиот свет во однос на САД. Програмата за патување и работа е глобална и универзална програма која ги поврзува луѓето од Америка со млади луѓе од целиот свет. Само во последнава деценија еден милион студенти ја посетија нашата земја, создадоа врски со државјани на САД и работеа со цел да ги покријат трошоците за патувањето. Тие се вратиле во својата држава, дипломирале и започнале кариера во одредена професија. Ангажирањето на толкав голем број луѓе помага да создадеме безбеден и просперитетен XXI век, бидејќи многумина имаат непосредно искуство со луѓето од Соединетите Држави и ние со нив.

Тоа е добра мешавина на патување, култура и едукација. Кај нас ќе сретнете многу дипломирани млади луѓе кои ги искористиле можностите кои оваа програма ги нуди. Кој може да се пријави, колку долго трае и кои се бенефитите од оваа програма?

– Потребно е да го познаваат англискиот јазик, да се студенти во редовна студиска програма на акредитирани образовни институции во својата земја. Исто така, потребно е да имаат успешно завршен најмалку еден семестар од студиите. Програмата нуди престој најмногу до 4 месеци во текот на долгиот распуст помеѓу академските години. Студентите имаат голема корист од програмата – го подобруваат познавањето на англискиот јазик, склопуваат пријателства со американци и се здобиваат со драгоцени искуства. Добиваат можност и да ја шират својата култура и да им ја приближат на своите американски домаќини.

Учествував во Меѓународната Програма за Лидерство (International Visitor Leadership Program) и тоа беше исклучително искуство. Многу познати лидери во светот ја посетувале истата, на пример Премиерот Груевски, хрватскиот претседател и премиер, претседателот на Турција, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер и други. Очигледно е дека програмата дава резултати, па кажете ни нешто повеќе околу тоа.

– Програмата за патување и работа подразбира учесниците сами да обезбедат средства за трошоците, додека Меѓународната Програма за Лидерство се финансирана со грантови од Стејт Департментот. Тоа е главна грант програма која овозможува краткотрајна размена за професионален развој. Има за цел да изгради взаемно разбирање помеѓу САД и другите држави преку внимателно испланирани краткотрајни посети на САД. Учесниците во програмата се актуелни и идни лидери во власта, политиката, медиумите, образованието, културата, бизнисот и други клучни области. Годишно преку 5000 посетители од целиот свет доаѓаат во Америка. Секоја година учесниците се избираат и номинираат од страна на официјалните лица на американските амбасади ширум светот.

Која е визијата, мисијата на сите овие програми?

– Со зближување на луѓето од цел свет со американскиот народ, заедница и култура, ние всушност ги надминуваме нашите разлики и градиме долготрајно партнерство и взаемно разбирање. Дипломатијата „човек на човек“ е основа на американските меѓународни односи, а крајната цел е да создадеме  побезбеден свет за сите нас.

Дали образованието треба да биде основа каде различните земји, култури се среќаваат и доаѓаат до подобро меѓусебно разбирање низ глобално учење?

– Како што кажавте самиот, образованието е одлична платформа за програми за размена. Нашата  J-1  програма за размена го надградува образованието стекнато во школските клупи, а работата е можност за културна размена. J-1  програмите вклучуваат можности за научни истражувачи, луѓе дојдени на обука, доктори, професори во средни училишта и куќни помошнички.

Кое е вашето лично видување на обрзованието?

– Образованието е многу важно и може да се добие на различни начини, вклучувајќи студирање, патување и учење во работниот процес. Сите овие се форми на едукација и јас сум многу среќна што работам на програми на размена кои ги поддржуваат овие активности.

Ја пронајдов оваа мисла на интернет. Познатиот режисер Милош Форман има изјавено: „Секој човек има два дома, местото каде пораснал и Америка.“ Можеме ли сè уште да тврдиме дека Америка е најлесната и најприфатлива земја за луѓето од различни култури и дојденци.

– Америка е многу отворена и разновидна земја и тоа нема да се промени. Моето запознавање со оваа разновидност започна кога моето семејство за првпат прифати средношколец на размена. Тој го научи моето семејство на многу работи, но и тој замина на крајот од школската година како поинаков човек. Сум живеела во многу земји оттогаш и секогаш се чувствувам горда кога некој ќе рече „Дали си Американка? Ги сакам Американците.“ Ние сакаме да пречекуваме посетители, тоа е она што нè прави да бидеме голема држава и прави луѓето да се чувствуваат како дома. (Д.Ч.)

 

Коментари