Водич низ СКОПЈЕ

Крф – Дел од рајот на Јонското море

Самата помисла на море, топло сонце, плажи за мене е асоцијација на прекрасниот остров во Јонското Море – Крф. Иако не е најголемиот остров  во Jонското Море сепак е најзелениот. А, ако се прашувате зошто е така, приказната на мештаните вели: Кога островот бил под француска власт, Катерина Медичи владателката на тогашна Франција им ветила по еден златник на секој кој ќе засади маслиново дрво. Колку златници биле поделени не е познато, но  денес на Крф има над четири милиони стебла од ова благородно дрво.krf balkon3 1

Малку историја. Најголемо влијание на културата и резвојот на Крф имала Венецијанската република која со векови управувала со островот и тоа му дава посебен карактер. Со Крф управувале и Римјаните, Византицијте,  Британците и Французите и сите оставиле по некој свој белег кој и до ден денес е препознатлив. Како во архитектурата и уметноста така и во музеите и археолошките наоѓалишта.

До островот се доаѓа преку две пристаништа: едното во главниот град Крф кое се вика исто како островот (грчки Керкира) и второто помало пристаниште Лефкими. Авионскиот сообраќај е особено развиен во летниот период кога има летови скоро 24 часа секој ден. Интересен е аеродромот чија писта се наоѓа блиску до морето и дава впечаток дека авионите „одат по вода“. До аеродромот има убави хотели кои имаат големи тераси каде што туристите уживаат во слетувањето и полетувањето на авионите. И, кога келнерот Ви го послужува кафето Ви вели : Уживајте во глетката.

Крф нуди за секого по нешто. Мир и спокојство во многуте мали рибарски селца кои станале убави туристички места, интересна архитектура и локалитети кои ја раскажуваат историјата на островот, па се до бучна забава, дискотеки и барови кои најмногу ги посетуваат младите туристи.

grcka-sarma4 balkon3

Храната е медитеранска со многу грчки  специјалитети.  Подобро е да се јаде во таверните отколку во рестораните бидејќи во нив се наоѓа по некој специјалитет, домашен рецепт, кој семејството што ја држи таверната одлично го приготвува.  Познатата грчка ѕаѕики салата одлично оди со некои од питите со спанаќ, сирење или пак топчиња од месо во сос од домати, свежите риби и лигњи приготвени на различни начини.

corfu beach b3

Но сепак, најмногу од се, туристите ги сакаат убавите плажи. За разлика од останатите јонски острови каде плажите се со покрупен песок, овде плажите се со ситен жолт песок, кој на некои места се прелева во песок со огнена боја. На ова се надополнува синото море во кое на хоризонтот се спојува со небото и создава слика каква што не можете да видите секој ден. Овие плажи се наоѓаат на југозападниот и северниот дел на островот каде погледот може да се фрли до недоглед…

А, јас, во овие ладни денови секогаш кога ќе помислам на Крф, топлата и кристално чиста вода на најпозантите плажи Глифада, Маратиас, Гарденос, Контогаилос, Миртиотица се расположувам и нестрпливо ја очекувам повторната средба..

Еве и неколку корисни совети и информации за намерниците кои сакаат да го посетат овој остров:

Траектот Игуменица – Лефкими во еден правец чини 4 евра за едно лица и 28 евра за возило. Се патува еден час.

Лежалки и чадор на плажа од локалните кафулиња чинат по три евра од лице во кои добиваат и пијалок. Лежалките што не се дел од кафулињата чинат поскапо 4 до 4,5 евра од лице.

Фрапе чини од 2 до 2,5 евра, пиво 3 евра, а чести се и промоциите на пијалоците и овде можеде да добиете пијачка и за едно евро.

Познатото грчко гиро чини од 2 до 2,5 евра (пилешко) и 3 евра (свинско)

Ако сте љубители на морска храна, порција чини околу 30 евра, зависно од тоа што ќе јадете. За извонредно добра храна ви го препорачуваме ресторанот Kaizer Bridge Restaurant  кој се наоѓа во близина на селото Benices на пат кон главниот град. Нуди уѓиванција на море и специјален сплав на вода.

kaiser bridgeВлезниците во голем број од музеите во Керкира, главниот град на Крф изнесуваат 3 до 5 евра од лице.

Аква паркот, велат втор по големина во Европа, работи секој ден од 10 часот наутро до 18 часот навечер. Влезница за возрасен чини 25 евра за цел ден, а ако одите по 15 часот ќе платите 18 евра. Детските влезници чинат по 17 евра за цел ден.

Изнајмување возило на Крф чини околу 35 евра од ден, но цената се намалува ако користите повеќе денови. За седум дена може да добиете цена од 210 евра на пример.

Изнајмувањето мотоцикл, веспа, популарно превозно средство нa овој остров чини 20 евра на ден

Сместување: студио за двајца чини од 35 до 60 евра на ден, зависно до хотелот.

Балкон3 ви посакува пријатен одмор:)

Катерина Лаова

Коментари