Водич низ СКОПЈЕ

Ќе „падне“ ли Белград?

Победиле или не, за нас сте веќе херои!

Илјадници љубители на ракометот од Македонија пристигнуваат во Белград. Најмногу денеска пред натпреварот со Србија кој за храбрите момци предводени од Кире Лазаров може да биде одлучувачки за историски пласман во полуфиналето и со тоа пласман и на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон годинава.

Калкулациите велат дека ни е потребна победа со домаќините на првенството кои на овој натпревар можат да си дозволат пораз со тесна разлика со што би го задржале првото место во групата но, и победа на Полска над Германија со најмногу два гола разлика и пораз на Данска од Шведска.

Ниш е покорен! На ред е српската престолнина. Македонската навивачка фаланга го продолжи својот поход. Со громогласни извици, „одиме за Белград“, по одлучувачката победа над Чешка, црвено – жолтата армија гордо и задоволно прошета по пешачкта зона во центарот на Јужна Србија, улица Обреновиќева.

Кафеаните и кафулињата се испразнети. „Нема повеќе пиво, се испивте“, можеше да се слушне во најголем дел од угостителските објекти пред неколку дена во Ниш. Околу милион евра инкасираа добрите домаќини на групата Б на Европското ракометно првенство за мажи од речиси десет илјади љубители на ракометната игра. Податок кој потврдува дека нишлии беа добри домаќини, а гостите, меѓу кои Македонците беа најбројни, беа повеќе од одлични гости.

По симпатичното „Казанџиско сокаче“, со традиционален јужно-србијански дух, црвено – жолтата река го насочи својот тек кон белградската „Скадарлија“ која на прв поглед маѓепсува со својот староградски дух. „Два јелена“, „Три шешира“, „Два бела голуба“, преполни од Македонци. Во извонредно пријатен амбиент, прочуените српски тамбураши плетат совршена мелодична хармонија по желба на браќата од југот. На увце, по неколкупати во иста вечер, ечи најпознатата кафеанска улица во Србија од „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“, „Распукала Шар Планина“. И само од време на време, за време на заслужените паузи на воиграните музичари, се слуша громогласен хор од гласови и добро познатата „Излези момче, право на тераса“.

– Атмосферата во Белград е прекрасна. Македонските навивачи се буквално насекаде. Дури и белграѓаните со симпатии гледаат на македонската фаланга и честопати не застануваат и сакаат да се сликаат со нас бидејќи сите се шетаме со шалови и знамиња низ градот. Влезниците воопшто не се проблем, бидејќи с’е уште може да се најдат на касата на „Арена“ по цена од десет евра па нагоре, во зависност од местоположбата. Едноставно, уживаме во натпреварите. Имаме доволно време да прошетаме низ градот, а вечерните часови ни се резервирани за добро дружење во белградските локали на кои се истакнати македонските знамиња. Омилени сме кај навивачите на другите репрезентации кои од нас бараат да ги научиме да ја пеат песната „Излези момче“ – вели Емил Јакимовски, кој живее и работи во Скопје и кој досега не пропуштил ниту еден натпревар на македонската ракометна репрезентација.

За успехот на македонските ракометни момци кои на ова првенство најмалку од с’е имаа среќа говорат и податоците дека Кире Лазаров е во врвот на листата на асистенции, поточно на делбата на второто место со 22 наместени гола, зад Словенецот Урош Зорман кој има 26 асистенции. Како и дека најдобар голман на Ракометното првенство за мажи во Србија е нашиот Петар Ангелов со 48 отсто на одбранети удари.

Математиката и статистиката, кои се исклучително важни на големите натпреварувања сепак се само бројки споредени со страста, посветеноста и желбата со која нашите момци ги бранат боите на својата земја во соседна Србија.
Победиле или не, за нас сте веќе херои.

Автор: Горан Игиќ

Фото: Оливер Пешевски, Горан Трпеновски

Коментари