Водич низ СКОПЈЕ

Истанбул – градот на лалињата

Ако на влезот во некој град ве дочекаат милиони лалиња во сите можни бои, тогаш веднаш ќе ви стане стане јасно зошто некој ја смислил онаа славна поговорка која вели дека „првиот впечаток е особено важен“.

Иако мојата романса со Градот на Босфорот трае веќе цела декада, сепак неодамнешната посета беше еднаква на повторно вљубување во неговата живописност дополнета со шарениот пејзаж од лалиња. Првото нешто што го забележав на патот од аеродромот до хотелот беа совршени лалиња во сите можни бои, кои ги красеа автопатот и главните градски булевари, паркови, авении и кружни текови. Ако тој момент за мене беше пријатно изненадување, тогаш жителите на Истанбул и оние што почесто патуваат таму веќе седум години наназад уживаат во оваа глетка. Почнувајќи од 2005 година во периодот од 7-ми до 29-ти април во Истанбул се случува веќе традиционалниот Интернационален фестивал на лалињата, кој праќа порака дека најубавите лалиња растат во Турција, наспроти општото убедување дека  земја на лалињата е Холандија.

Фестивалот е организиран од општината Истанбул Метрополитен, која срдечно ја поддржува оваа манифестација, која му дава посебен шарм на и така фасцинантниот град распослан на два континента. Градоначалник на градот, Кадир Топбаш во неколку прилики има истакнато дека фестивалот на лалињата предизвикал радикална револуција во изгледот на градот и драматично го променил целиот пејзаж на подобро. Тоа не само што им носи повеќе посетители, туку и ги стумулира одгледувачите на лалиња во околината на Истанбул и подалечните села, кои секоја година учествуваат во хортикултурното разубавување.

Оваа година во рамките на разнобојниот фестивал беа засадени 11.6 милиони лалиња од 104 различни видови, како и четири милиони други цвеќиња кои беа беспрекорно декорирани во совршени геометриски форми, водопади, разни фигури, турското знаме и препознатливото око против уроци. Со оглед на тоа што Истанбул оваа година е и Европски главен град на спортот имаше и многу фигури со лалиња инспирирани од разни спортски дисциплини. Изложби, концерти, улични уметници и различни свечености се случуваат на истакнати точки, како плоштадот Таксим и Султанахмед, како и во градините Ѓузтепе и Ѓулане. Низ продавниците можеа да се најдат и украси со мотиви од лале, почнувајќи од разни ситници до скулптури и слики. Исто така во тек беше конкурсот за најдобра фотографија „50 најубави лалиња“ во кој ќе бидат наградени најдобрите фотографии.

Токму поради сето ова беше вистинска среќа да се биде во Истанбул во време кога цветаат турските лалиња и да се научи дека всушност вистинското потекло на овој прекрасен цвет е токму Турција. Секако ваквата хортикултурна уреденост на еден мегалополис каков што е Истанбул ми отвори и простор за размислување колку малку ли е потребно истата таа цветна револуција да му се случи и на Скопје.

ПОТЕКЛО НА ЛАЛЕТО

Лалињата (зборот потекнува од перскискиот lâhle) оригинално растеле во азиските степи. Иако првата асоцијација е Холандија, каде денес постои најголема комерцијална култивација на тулипите, нивното потекло и име се поврзува со Отоманската империја или поточно со турбаните (на турски тулбенд, муслин, газа). Турскиот збор за газа, со која се мотаат турбаните, се чини дека се користел за ова цвеќе, бидејќи целосно отвореното лале потсетувало на турбан.

Најшироко прифатената сторија е таа на Огиер Гислен де Бусбек, Амбасадор на кралот Фердинанд 1 во империјата на Сулејман Величенствениот во 1554 година. Тој во едно писмо истакнал дека насекаде има изобилство од цвеќиња како зумбули, нарциси и оние што на турски се викаат лале. Не е коинциденција што овој период – најраскошниот во Отоманската ера е наречен Ера на лалињата (Lale Devri). Во 16-от век лалињата биле донесени во Холандија, каде за кратко време станале популарни.

Елена Петковска

Коментари