Водич низ СКОПЈЕ

Градоначалникот на Солун избран за најдобар градоначалник за Октомври 2012 преку светско гласање на интернет

TR GR EN

Јанис Бутарис, градоначалник на вториот по големина град во Грција (нешто повеќе од 1 милион жители), беше изгласан на отворено јавно гласање на интернет страницата citymayors.com за најдобар градоначалник во месец октомври 2012.

Во претходните месеци оваа титула им беше доделена на градоначалниците на Лондон и Њујорк.

Јанис Бутарис

Случајот на г-дин Бутарис е исклучително интересен од аспект на финансиската и политичка криза во Грција. Како што нагласува интернет страницата, од неговиот избор за градоначалник во 2010, неговото разумно менаџирање на претходно осиромашениот буџет, дистанцирањето од било какви врски со политички партии во однос на начинот на раководење со градот, го претвори Солун во град за пример во однос на многу нешта. Средишна точка во неговата политика на работа беше прифаќањето и промовирањето на мултикултурното минато на Солун, притоа подобрувајќи го односите со соседните балкански земји и градови преку активна културна и бизнос соработка.

Во таквите иницијативи спаѓаат потпишувањето на договор за образовна, туристичка и културна соработка со градоначалникот на Битола, Владимир Талески; повторното поврзување на Солун со неколку градови во Турција преку договор со Turkish Airlines, како и воспоставување на солидна основа за активно подобрување на трговијата и туризмот со Бугарија, Израел, Албанија и Русија.

Солун

Градоначалникот Бутарис е роден во Солун во 1942 во семејство на производители на вино, кариера која самиот ја градеше по завршувањето на факултетот за Енологија на универзитетот Аристотел во Солун. Семејниот бизнис се подели во 1997, па тој го основа својот личен бренд Кир Јани (Kyr – Yiannis) којшто денес е лидер на грчкиот пазар и користи квалитетни технологии за произвоство на вино од локалните вински култури. Со компанијата во моментов раководи неговиот син Стелиос.

Бутарис станал член на градскиот совет во 2002, но тој е познат претходно по неговите успешни напори  за конзервација на природното и културно наследство во региони кои не се дел од неговата изборна единица. Во овие активности спаѓа и основањето на невладината организација Арктурос (Arktouros)  која работи на заштита на загрозените видови мечки и волци во шумите на западна Македонија. Уникатна личност –  комбинација од прагматичен бизнисмен, поранешен алкохоличар, тетовиран и со пирс на увото, сегашниот градоначалник на Солун е познат по својот непосреден однос со граѓаните, едноставен начин на живот и отвореност во директните обраќања до сиот спектар на грчкиот естаблишмент – најзабележително во односите со влијателниот Архиепископ на Солун поради мешањето на црквата во изборите пред да биде избран за градоначалник. Тој лично ги промовираше постоечките одредби на законот кои дозволуваат кремирање на починатите лица (спротивно на верските одредби на Грчката Православна Црква). Неодамна, воопшто не се двоумеше да изјави дека барем половина од водачите на новата неонацистичка партија Златна Зора, треба да бидат во затвор.

Како што е наведено на интернет страницата, Солун е упориште на националистичките и конзервативни политички сили од 1950-тите. Претходната централно-десничарска администрација беше на власт со децении и заврши со судење за проневера на околу 30 милиони евра. Изборот на Јанис Бутарис претставува пресврт во локалната и државна политика.  Иако беше избран (со многу мала разлика во бројот на гласови) од редовите на една од грчките традиционални партии (централно-левичарската ПАСОК) тој зазеде независен став во однос на традиционалното врзување со партиска политика. Поради тековната финансиска криза, намалувањето на средства кои доаѓаат од државните фондови Бутарис го  употреби како аргумент за промовирање на сопствената агенда. Од самиот почеток тој постави заменици кои се прилично помлади од него, без политички врски туку врз основа на на нивното професионално искуство, кои започнаа да спроведуваат радикален план на реформи на администрацијата, поедноставување на бирократските процедури и евалуација на работата на вработените.

Градоначалникот Бутарис е познат по својата изјава ”Не се трудам да контролирам сè. Ги почитувам напорите на секој од замениците и ги поддржувам во остварување на целите кои ги поставивме.” Еден од неговите заменици е Хасдаи Капан, прв Евреин на висока позиција во градот од 1930-тите.

Салонико

Во 2012 градот одбележува стогодишнина од ослободувањето и припојувањето кон современата грчка држава. Наместо националистички пароли, градот отпочна со многу оригинална кампања на отворање кон балканските соседи во исто време рекламирајќи се како одржлив бизнис, туристички и  културен “производ”. Исто така, историјата се преиспитува и истражува низ призмата на повторно откривање на минатите и сегашни идентитети со помош на градските академски и медиумски центри, и со академски придонес од интелектуалците и студентите од соседните балкански земји.

Грција е централизирана држава (според моделот на францускиот државен систем), па локалната администрација во голем дел зависи од фондовите кои доаѓаат од Атина. Во услови на финансиска криза, Градоначалникот Бутарис доби пофалби од колегите од Европа,  како и од голем број на официјални лица од Европската Унија кои вршат мониторинг на финансиите на Грција, за реално поедноставување на административната организациска поставеност и намалување на трошоците за вработените со истовремено подобрување на услугите на граѓаните.  Ова значеше соочување со долгогодишната корумпираност и бирократија. Негови прв чекор при преземањето на позицијата беше да се направи ревизија на градското финансиско работење при која се потврди долг од околу 100 милиони евра. Во 2011 буџетскиот дефицит, кој претходно се удвојуваше секоја година, се намали за 7.5% а трошоците се намалија за 30%. Како што наведува citymayors.com во 2012 буџетот изнесува 409 милиони евра, што сè уште претставува мал буџет со ниски приходи па градот сам мора да се сврти кон собирање на приходи затоа што се закануваат одредени веќе постоечки проблеми (како што се собирањето и управувањето со отпад, подземната железница и др.)

“Малите нешта се убави нешта.”- вели Јанис Бутарис. “Грците треба да се свртат кон малите нешта кои добро ги познаваат за потоа од нив да создадат производи со одличен квалитет. Не успеваме да се продадеме себе и нашите производи доволно добро.”  Начинот на работа на Бутарис, според него, е едноставен, ефикасен и успева да “донесе пари во градот”.

Софија Николау

Коментари