Водич низ СКОПЈЕ

Детоксикацијата со „Македокс“ почнува

Со проекција на филмот „Скопје 63’“во чест на 50 годишнината од скопскиот земјотрес и со Оскаровскиот филм „Барајќи го Шугармен“ во сабота официјално стартува фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Поделени во четири програмски целини, интернационалните документарни филмови и оваа година ќе не прошетаат низ светот и ќе ни ги доближат емотивните стории на главните ликови.

Филмовите кои ни раскажуваат приказни од Словенија, Македонија, Хрватска, Албанија, Швајцарија, Финска, Египет, Бразил, Судан, Италија, итн… ќе бидат поделени во категориите: главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови. Оваа година на фестивалската програма има и четири македонски документарци, филмови на Игор Иванов–Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски, Петра Селишкар и Бранд Ферро.

Фестивалот ќе се оддржи во Куршумли Ан и МКЦ. Новитет се репризите на филмовите кои ќе бидат прикажани во Младински Културен Центар (МКЦ). Поделени во четири натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од различни жириа. Официјални награди на МакеДокс се:

– Кромид- за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма

– Млад кромид- за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)

– Кокарче- за најдобар филм за деца и млади

– Награда за филм за најдобри Етички идеи

„Годинешното издание го нарековме детоксикациско затоа што документарецот, како и кромидот, нè прочистува од токсините, било на културен или виртуелен план, ни предизвикува солзи и ни отвора врати од други светови што сами којзнае дали и кога би ги отвориле“ – велат организаторите на МакеДокс.

Љубителите на докуметарните филмови ќе имаат можност да бидат дел од „Дискусиите под смоква“, организирани за време на фестивалските денови, секој ден во 18.00 часот. Фестивалот и годинава ќе го продолжи своето патување низ Македонија, во август месец, во Кумановскиот регион. Целта на „Патувачко кино“ е децентрализирање на културните случувања и овозможување на одредена културна доза и на останатите места во земјата.

Коментари