Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: Ѕирни во џебот на државата

Бидејќи од се што заработуваме, околу една третина и даваме на државата, екипата на Балкон3 одлучи да ѕирне во џебот на државата за да види што прави таа со нашите пари.

 

Не само за ние да видиме, туку за да покажеме зошто треба секој граѓанин да следи како се троши тоа што го одвојува од својот џеб за да го полни државниот.

Ревизорските извештаи на основниот буџет покажуваат дека поголемиот дел приходи на државата се обезбедуваат од даноците што ги плаќаат луѓето. Просечен поединец ја финансира државата преку најмалку пет даноци: данок на доход, данок на добивка, ДДВ, акцизи и царини. Сето тоа или се одбива од парите што ги заработуваме или се додава во цените што ги плаќаме.

За да видиме што се случува со тие пари, ги разгледавме трошењата на 15 институции со најголеми поединечни буџети, од кои 13 се од централната власт, една од судската власт и една од локалната самоуправа. Институциите што беа опфатени со ова истражување се:

– Генерален секретаријат на Владата

– Служба за општи и заеднички работи

– Министерство за внатрешни работи

– Министерство за одбрана

– Министерство за финансии

– Министерство за транспорт и врски

– Министерство за образование и наука

– Министерство за здравство

– Министерство за труд и социјална политика

– Фонд за пензиско и инвалидско осигурување

– Фонд за здравствено осигурување

– Агенција за вработување

– Агенција за финансиска поддршка на земјоделството

– Судски буџет

– Град Скопје

Ги прегледавме податоците за нивното трошење за изминатите четири години, за да го опфатиме периодот на две различни влади. Во тој период тие имале објавено над 6.000 договори со приватни компании на електронскиот систем за јавни набавки. За нивното работење биле издадени 19 ревизорски извештаи. Известувањата за договорите и наодите од ревизиите ги дадоа податоците што ги прикажавме во анимираното видео.

Освен зошто, покажуваме и како граѓаните можат да ѕирнат во џебот на државата и колку го прават тоа. Од сите 15 институции побаравме податоци колку барања за пристап до информации од јавен карактер во врска со нивното работење и финансии примиле и одговориле од 2015 до 2018 година. Ова се резултатите.

*Министерството за здравство не испрати податоци, а Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството испратија само вкупна бројка

Податоците на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер покажуваат дека интересот на граѓаните за информациите што ги имаат јавните установи секоја година е се поголем.

*Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.

Катерина Спасовска-Трпковска

Коментари