Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: „Што е предавник?“

Предавник, шпион, кодош, издајник, ова е дел од секој политички фолклор. Но како што политичките култури се различни, така се разликуваат и условите под кои се станува предавник.

Наједноставно објаснето, предавник е оној кој е дел од некоја група или заедница, таа група има утврдено свои заеднички цели и интереси, а тој работи против тие интереси. Групата може да биде од неформално друштво, граѓанска или синдикална организација, партија, па се до целиот народ и државата.
Кога се државата и народот во прашање, дефиницијата е уште полесна. Предавник е оној што работи против интересите на државата и народот. Предавството најчесто се поврзува со прашања за културата, националниот идентитет, националните интереси, обележја, симболи, вредности.
Но тоа не е се! Ако се јавите во наредните три минути, па дури и ако не се јавите, ќе видите дека како што државата и народот имаат многу интереси од различни области, така постојат и многу предавства.
Кога интерес на државата и народот е да се создаде општество засновано на чесност, одговорност и работливост, а се создава општество на опортунизам, надмоќ и сомнително брзо богатење, тоа е предавство.
Кога интерес на државата и народот е да владеат редот и законот, а има дивеење на локални шерифи и има луѓе недопирливи за законот, тоа е предавство.
Кога интерес на државата и народот е најдобрите и најквалитетни кадри да ги раководат своите области, а на раководните места се поставуваат незнајковци, послушници и измамници, тоа е предавство.
Кога интересот е да се развива образованието, а тоа се уназадува со многу експерименти и голема нестручност, тоа исто така е предавство. Двојно предавство, бидејќи не само што на децата не им се нуди добро образование, туку тие не ни сакаат да се надградуваат за да станат врвни професионалци, кога гледаат околу себе дека на поинаков начин се доаѓа до пристоен живот и заработувачка.
Кога интересот е чиста животна средина и заштита на природните богатства, а се овозможува масовно загадување, уништување на шумите и на плодните почви, труење на реките, натрупување отпад, тоа е предавство.
Кога интересoт е социјална сигурност, а огромен број луѓе се плашат како ќе го преживеат утрешниот ден, тоа е предавство.
Кога интересот е безбедно, удобно и брзо да се стигне од точката А до точката Б, а се патува по раскопани патишта или се чекаат расипани возови, тоа е предавство.
Кога интересот е болниците да служат за лекување, а таму се оди за да се поминат последните денови од животот, тоа е предавство.
Кога интересот е граѓаните да видат и да почувствуваат за што ги плаќаат даноците, а наместо тоа гледаат само како им се земаат парите, и тоа е предавство.
Сите тие се предавства. Само се нарекуваат со поинакви имиња – криминал, корупција, неспособност. Но ефектот е ист. Некои луѓе придонеле да не се остварат интересите на државата. Народот се чувствува извисен, изневерен, и ја губи довербата. Бидејќи е предаден. За нечии лични интереси.

Коментари