Водич низ СКОПЈЕ

ДА ТИ НАЦРТАМ: ПРВО „ПАТО“ ПА НАТО

Локалната самоуправа се избира на локални избори. Кои, пак, често се користат за многу други политички потреби наместо за да се избере што подобра локална самоуправа.

Изборите за локална самоуправа се сметаат за најнепосредна демократија бидејќи општината ги решава проблемите што граѓаните директно ги засегаат, а граѓаните најлесно може да се вклучат во неа и да влијаат врз нејзините одлуки.

Но локалната самоуправа има автономија во однос на државната власт и затоа треба да се разграничи за што НЕ треба да се користат локалните избори.

Прво. Мерење на рејтингот. Речиси немало локални избори што не биле означени како „судбоносни“. Политичарите на митинзите велат дека тоа не се „обични“ локални избори, туку треба да бидат вовед во промена или зацврстување на власта. Секојдневните потреби и проблеми на граѓаните се во втор план.

Второ. Промовирање кандидати за повисоки функции. За многу градоначалници функцијата е „загревање“ додека нивната партија дојде на власт, кога ќе станат министри, а ќе ги остават граѓаните со некој в.д. градоначалник за кого не ни гласале.

Трето. Вдомување кандидати што се веќе на повисоки функции. Ова најчесто се прави кога некој пратеник, министер или директор е популарен поради својата работа, па таа популарност треба да се искористи за да се добијат повеќе гласови на локалните избори. На граѓаните им останува само да погодуваат колку со полно работно време ја извршувал државна функција, а истовремено доволно се запознал со локалните проблеми што треба да им ги реши. Особено ако кандидатот си остане на функцијата до изборите, па потоа размислува дали ќе ја промени.

Четврто. Логистика на владејачката партија да остане на власт. Владата знае дека резултатите во локалната самоуправа се најочигледни. Многу потешко се мерат ефектите од некој закон, отколку ефеките од асфалтирањето улица. Асфалтот или го има, или го нема, тоа се гледа. Затоа владите често со многу пари им помагаат на „своите“ градоначалници да ги уредат општините, а потоа премиерите и министрите присуствуваат на отворањето објекти. Работите се претставуваат како заеднички проекти на државната и на локалната власт, односно проекти на партијата, не на институциите.

Петто. Логистика на опозициската партија да се врати на власт. Кога градоначалниците и припаѓаат на опозицијата, понекогаш влегуваат во постојана кампања за да докажат колку се подобри од владејачката партија. Со неа влегуваат во директен конфликт, заборавајќи дека како градоначалници им служат и на членовите на таа партија што живеат во нивната општина.

Шесто. Згрижување на партиските членови што не влегле на ниедно друго место. Во Македонија има речиси 1.400 општински советници. Земаат надомест од 10.000 до 22.000 денари месечно. Без разлика дали нешто работеле или не. Јавноста некои ги познава, повеќето се непознати. Но си го заслужиле местото преку партијата.

На крај, а за што треба да се користи локалната власт? За подобри училишта, градинки, улици, водоводни мрежи, канализации, зеленило, паркови, игралишта и за подобри услуги како издавање градежни дозволи, урбанистичко уредување и заштита на животната средина.

Коментари