Водич низ СКОПЈЕ

Да ти нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Очите и лицето на општината

Локалната самоуправа е најнепосредната власт до граѓаните.

Но што ако таа стане уште полокална?

Во Кавадарци е воведен проектот „Мој општинар“.

Општината е поделена на реони и секој си има матичен општински службеник.

 

Ласко Кузманов има своја територија. Има улици што треба да ги помине, места што треба да ги посети и луѓе со кои треба да разговара. И една јасна задача.

Приближување на самите граѓани до општна и до решавање на самите проблеми кои ги имаат граѓаните.

Тој е еден од кавадаречките општинари чие работно место е отворениот простор. Заедно со колегите од локалниот проект „Мој општинар“ се задолжени да бидат очите и ушите на општината пред граѓаните, и обратно.

Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

Сите локални власти одат на терен, повеќе или помалку. Кавадарци не е исклучок. Разликата е што тука тоа не се прави по потреба, туку системски.

Општината е поделена на десет реони. Ги покриваат осум општинари. Секој е задолжен за еден, или за најмногу два реона. Тие треба секој ден да направат обиколка и да проверат – дали е чисто, дали тревата е искосена, дали зеленилото е уредено, дали има оштетени клупи или лулашки, дали треба да се бојадисаат пешачките премини, дали работат уличните светилки, дали стојат сообраќајните знаци. За се што не се гледа со голо око, треба да разговараат со граѓаните – за инфраструктурата, за имотно-правните односи, за нивните права и обврски.

Мобилните телефони и мејл адресите на општинарите се објавени, и тие се постојано достапни.

Иако јасно им се исцртани границите на реоните, за да ги исполнат задачите мораат да работат како тим.

И никој не може да се ослободи од товарот и да рече „не е до него“.

„Ние самите како колеги си ги поделуваме обврските меѓусебно, значи кога некој од колегите значи не е во моментот на работа или отсутен е сами меѓу себе си помагаме без разлика кој на кој терен сме дали терен број 9 или терен број 1 на територијата на општината“.

Дали проектот е успешен се гледа од тоа што не може да се види: ѓубре, оштетувања и запуштени простори. Но како може извршувањето на основните функции на локалната власт да се смета за некаков успех? Само ако во државата неисполнувањето на овие должности е многу почесто, а исполнувањето е по исклучок. Во Кавадарци едноставно сфатиле дека кога е потребно да се повеќе труд, се вложува повеќе труд.

 Мој општинар многу е посветена и на животната средина, значи зачувување и унапредување на животната средина. Значи за 2019 година имаме предвидено околу 30 илјади метри квадратни подигање и обнова на нови зелени површини и нивно хортикултурно уредување“.

Мој општинар не служи само за чистење улици, туку и за непосредна демократија. Она што се нарекува „учество на граѓаните во креирањето политики“ тука се спроведува преку матичните општинари. Тие собираат информации за се што треба да се направи, и ги преточуваат во општински документи.

Самата комунална програма што ја донесовме за изградба во 2019 за Општина Кавадарци ја донесе токму проектот Мој општинар заедно во соработка со самите граѓани, на лице место, на терен од каде беа извлечени сите најнеопходни барања за да се остварат нивните барања и остварувања за да можат да живеат поубаво, почисто во оваа наша Општина Кавадарци“.

Се е убаво и чисто во Кавадарци. Се додека круговите на Мој Воздух не станат црвени,  а околината сива

Општинарите знаат дека ова е многу поголем предизвик од одржувањето на хигиената.

„Кавадарци нема зелен катастер, има една невладина организација која што за скоро време треба да го заврши и зелениот катастер. Се надеваме и дека како Мој општинар веќе разговараме и со градоначалникот и со колегите да спроведеме катастер на загадувачи, исто така направивме план и програма за заштита на амбиенталниот воздух. Сакам да го направиме тој стратешки документ, а потоа да влијаеме и за негова реализација“.

Теренските општинари претходно биле административни работници. За подобра и поубава општина требало да станат од столчињата.

Сега со овој проект сме повеќе од времето надвор од канцеларија и за мене лично верувам и за другите колеги е подобро“.

Самите се задоволни кога успешно ќе ја завршат работата.

Направивме едно зеленило на 12 деца тоа е едно излетничко место близу Кавадарци, кое уште од мали нозе ние како деца пораснавме таму, тоа беше едно излетничко место кое уште од мали бевме таму, а сега се обнови, се прошири се направи баш, баш убаво“.

Но кога сте лицето на општината пред граѓаните, ваша задача е да ги примите и критиките и незадоволствата.

Најмногу се соочуваме со имотно-правни проблеми и најмногу се соочуваме со проблеми од типот на земјиште, експропријација, нетрпеливост на граѓаните, самите проекти, самото озеленување е процес кој трае два до три месеци затоа што станува збор за поголеми површини, а треба да се има многу фази за подигнување на самото зеленило, пример од чистење на самото место, до местење систем капка по капка за наводнување, до посејување и до партерно уредување на самиот простор. Проблемот е тоа што некогаш луѓето се нетрпеливи да се среди сето тоа“.

„Има и непријатен дел од нашата работа затоа што ние сме постојано на терен, треба да ги пријавуваме и самите дивоградби, треба да одиме на дефекти кога се навлегува на приватен имот“.

Општинарите не можат да поправат онолку колку што несовесните граѓани можат да растурат.

Но ако тие се навикнат просторот да им биде уреден, и самите ќе се грижат за него.

Затоа и општинарите велат – работата на теренот ќе вреди само ако се работи и на свеста.

Катерина Спасовска Трпковска

Коментари