Водич низ СКОПЈЕ

Да Ти Нацртам: НОСИТЕЛИ НА ПРОМЕНИ – Деинституционализаторот

Деинституционализација. Тежок збор и уште потежок процес. Чекор кон подобар живот на најранливите групи.

Еден студент во 1990-тите се вклучил во НВО за да им помага на овие групи.

Дваесет години подоцна државата го ангажира како експерт за да ја помогне деинституционализацијата.

Секој си го поставува прашањето во какво општество сака да живее и за кои вредности да се залага. Ретко кој го нашол одговорот правејќи планови за годишниот одмор. Владимир Лазовски планирал три месеци да се занимава со инклузија на исфрлените, за да го дополни буџетот за летување. Но планот се сменил.

Се најдов во средина која што баш промовира една демократичност, инклузивност, толеранција и ми даде некаква потврда да си помислам ..аха, па добро е…еве има и други..ми дадоа чувство на припадност“.

Искуството од МЦМС, Отворете ги прозорците и други организации сега го пренесува во тимот на Министерството за труд и социјална политика што работи на деинституционализацијата.

Ова се луѓето што не чекаат решенија, туку ги бараат. Не креваат раце, туку ги засукуваат ракавите. Познати им се и пречките, и неуспесите, и тешките услови. Се борат со бирократски лавиринти, недоречени закони, партиски притисоци, приватни интереси. И не се откажуваат. Тие се носителите на промени.

Што е најголемата маана на овој начин на згрижување. Изолираноста! Сегрегацијата од општеството. Установите , по дефиниција, тоа во теорија го имаме, значат изолација на луѓето за кои се грижите од заедницата, од средината во која што живееле.Тие не добиваат поддршка, во својата природна средина, во своето природно опркужување, туку напросто се преселени, преместени, во една, би рекол, прилично безлична установа“.

Деинституционализација. Де – институцио – нализација.

Теоретски – нешто што се решавало преку установа, да се реши на поинаков начин.

Во пракса – преместување на луѓето згрижени во големи социјални установи во мали групни домови.

Во средината каде што луѓето живеат. Во земјава има околу 2.400 луѓе во 16 институции.

Треба да се распределат во групни домови, дневни центри и други непосредни установи да се распределат во домови од по 5-6 луѓе.

Знаете, во установата луѓето немаат право на избор, немаат право да донесат основни одлуки во својот живот. Има редослед на кога треба да се стане, кога треба да се јаде, се знае менито за секој ден во неделата, многу често е ограничено и движењето надвор од установата“.

Институциите имаат строги правила, дневен распоред, време за јадење, спиење, хигиена, без многу избор и слобода. И некој треба да живее така само затоа што е различен. Тоа е особено неповолно за децата. Затоа приоритет е да се преместат децата до три години, па другите деца, па возрасните, но плановите се прават паралелно. Малку треба за да се види голема позитивна промена.

„Гледате еден поинаков сјај, поинаков израз на лицата, гледате деца! Кога се во институција, имам барем јас лично чувство дека пред да го видите детето, ја гледате попреченоста. Тоа е многу битна разлика“.

Уште подобри се промените кај оние што одамна биле деинституционализирани. Пред 10 години околу 60 лица ја напуштиле Демир Капија и отишле во групни домови. И тогаш Влатко Лазовски бил дел од проектот. Се уште ги сретнува првите осуммина што ги преселил во Скопје.

„И кога ќе ги видам колку на убаво се промениле, како просто функционираат и се движат во градот и дел од нив имаат некакви работни ангажмани, за жал не се вработени вака, ама, ми е многу, многу драго“.

Корисник преселен пред 10 години го прашал Владимир: Дали се уште ја чуваш убавата кола?

„Јас никогаш не сум имал убава кола, можеби била службена“

„Не не, убавата кола што ме возеше кога си одев од Демир Капија“.

„Колата беше лада од моите родители. И тогаш разбирам дека целиот тој чин веројатно, значењето на тој чин придонело да му се види колата убава или не знам“.

Деинституционализацијата нема само убави приказни. Таа е голема промена и потенцијално голем стрес и за корисниците, и за вработените, но и за новата околина. Случајот со селото Тимјаник го покажа тоа. Тој е еден од многуте примери што на Лазовски му покажале дека општеството треба да ја надминесвојата попреченост за прифаќање на различностите.

„Најголемата фрустрација на некој начин и најголемата мака во работата е кога се соочувам или ги гледам од прва рака предрасудите што ги имаме во општеството“.

Мал групен дом во Неготино. Сместени се пет деца, кои добиваат 24-часовна грижа. Исто како во домашни услови. Имаат свое катче, свои предмети, свој живот.

Луѓето од ранливите групи треба да добијат услови какви што заслужува секој човек. И тоа не е само хуманост или алтруизам, туку стандард кој ако се постави, ќе биде корисен за сите. Од една многу едноставна, но често заборавена причина.

„Групите на оние кои се изоставени се менлива работа. И менлива… И во животот може да западнеме во некоја од тие групи кои се исклучени. Еве на пример, каков е односот на општеството кон постари, кон повозрасни лица“.

Поради тоа, не треба да се променат само условите, туку и сфаќањата.

Често вака во јавноста па и во приватни разговори може да чуете луѓе кои ќе речат – да, ние  сме многу солидарно општество, и ете донираме по телефони за вкави акции такви акции. Прашањето како се грижиме за ранливите групи луѓе, не е прашање на милосрдие. Ние како општество мораме тоа да го решиме системски. Тоа е прашање на права. Тоа е баш одговор на прашањето во какво општество живееме и во какво општество сакаме да живееме“.

Деинституционализацијата е сложен процес.

Бара многу труд и вложувања.

Кога ќе се спроведе, треба да се одржува.

Затоа борбата за правата на штитениците никогаш не може да запре.

И не смее да ги исклучи оние што најдобро ја познаваат проблематиката.

Катерина Спасовска Трпковска

Коментари