Водич низ СКОПЈЕ

Аки од Камењане – омилениот домаќин на светските оперски ѕвезди

AL EN

„На трети ноември Аки од Камењане ќе седне во централниот дел на Виенската опера, на местото каде што заслужува да седи само императорот, ќе биде осветлен со рефлектори и само за него ќе пеат голем број оперски ѕвезди“. Вака месечното списание „Wien Live“ ја започнува приказната за најпознатиот Тетовец во Австрија, а можеби и пошироко.

Аки и Пласидо Доминго

Аки и Пласидо Доминго

На насловната страница на списанието има фотографија од оперската дива Ана Нетрепко со наслов „Ана го сака Аки“. Сепак главна тема на „Wien Live“ e успешната приказна на страстниот љубител на операта, гостопримливиот сопственик на ресторанот „Соле“, Аки Нуредини. Аки е роден пред 56 години во тетовското селото Камењане, како едно од седумте деца на неговите родители, а минатиот месец со голема прослава во Виенската опера ја одбележа 30-годишнината од отворањето на омилениот ресторан на голем број оперски ѕвезди од целиот свет. На концертот во чест на Аки настапија 15 водечки оперски солисти меѓу кои: Инва Мула, Карлос Алварез, Роксана Константинеску, Ервин Шрот, Стивен Костелјо, Рамон Варгас и Линда Вотсон.

aki2 aki3

На денот на прославата беше промовирана и книгата „До, ре, ми, фа, СОЛЕ“, посветена на триесетгодишната работа на омилениот ресторан на оперските ѕвезди, кои настапуваат во операта Штац и кои станаа љубители на кујната на Аки, но и негови драги пријатели. Списанието „Wien Live“ објавува многу слики на Аки во друштво на познати оперски имиња, меѓу кои и редовниот гостин Пласидо Доминго, цитирајќи ја неговата изјава „Стомакот оди таму каде што му е пријатно.“

АКИ НУРЕДИНИ, ТЕТОВЕЦ ВО СРЦЕТО НА ВИЕНА

Кога го посетив „Соле“ во 2012 година веднаш ми стана јасно зошто сите се враќаат таму. Непосредноста и љубезноста, кои зрачат од Аки, едноставно не може никого да остават рамнодушен. Затоа во статијата на „Wien Live“ сосема оправдано и без претерување е напишано: „Не само физички со неговиот ресторан „Соле“, туку и духовно Аки е во срцето на Виена, во срцето на овој антички град со вековна традиција во културата, уметноста, науката и дипломатијата. Тој навистина ја заслужува Виена како што таа заслужува да го има Аки, работник и великодушен во помагање на многу културни, но и други активности…“

aki_sole

Појдете паралелно од кружниот тек во центарот на градот, неколку десетици чекори од светски познатата Виенска опера, која како папок го поврзува центарот Штефанплац со улицата Кертнерштрасе и ќе пристигнете во ресторанот „Соле“. Улицата Анагасе, која има над четиристотини години историја, беше збогатена со овој ресторан уште пред триесет години. „Соле“ е ресторан каде се испреплетуваат политиката, уметноста и културата. Аки успеал со посветеност и голема љубов да го претвори неговиот ресторан во место за средба на уметници од целиот свет. Пријатниот амбиент, професионалната кујна на високо ниво и топлиот прием од персоналот се главна причина што ресторанот „Соле“ е честа дестинација на голем број познати светски политичари меѓу кои е и поранешниот американски претседател Бил Клинтон.

Аки и Бил Клинтон

Аки и Бил Клинтон

Веројатно никој од нив не може да одолее на топлото гостопримство и вкусните специјалитети кои ги нуди локалот.
„Тоа е еден интересен феномен што во мојот ресторан доаѓаат различни луѓе од областа на уметноста, културата, бизнисот, политиката. Доаѓаат речиси сите австриски политичари. Од Македонија, Косово и Албанија, сите се мои гости, но и мои пријатели. Многу луѓе, а особено уметниците велат дека мојот ресторан е како нивен дом, или како нивна втора кујна“, раскажува Нуредини.
Запрашан која е формулата за овој успех, како успеал во неговиот ресторан да ги испреплете политиката, културата, уметноста, Аки многу смирено одговара „работа и само со работа“.

aki_cover„Само со работа. Многу ја сакам оваа работа, многу ги сакам луѓето, без разлика на националноста. Секој клиент го третирам како една посебна личност. Јас имам пријател, кој е писател, и тој во една пригода рече: „Кај Аки ѕвездите се чувствуват како да не се ѕвезди, додека оние кои не се многу популарни се чувствуваат славни“. Се разбира тука е и добрата кујна, како и екипа со која заедно стигнавме до тука“, вели Нуредини.
Долгогодишната посветеноста на Аки беше наградена од австриската држава со златен медал на градот Виена, што се смета за најпрестижна награда. Тој е почесен граѓанин на Австрија и добитник на многу награди, медали и благодарници.

ДРУГИТЕ ЗА АКИ…

Книгата за гости во „Соле“ е колекција од автограми од редовните гости, кои не го кријат задоволството и не штедат зборови за ресторанот, но и за неговиот сопственик. Еве што пишува основачот на Ферари Австрија, Херберт Каспер, редовен посетител на „Соле“: „Ферари е уметност на тркала, а Соле уметност во чинија“. Големиот италијански уметник Ренато Брусон за Аки Нуредини вели: „Човек како тебе не сум сретнал никаде во светот.“ Големиот албански писател Исмаил Кадаре го посетува „Соле“ секогаш кога ќе отиде во Виена. Тој пишува: „Тука се чувствувам како дома.“
Додека бев во посета на „Соле“, Аки искрено ми се довери: „Денес добив две пораки од двајца други пријатели, д-р Клаудија Шмит, министер за образование на Австрија и Жозе Мануел Баросо, претседател на Европската комисија. Љубезно ми понуди да ги прочитам нивните пишувања на благодарност и почитување кон нашиот сонародник. Подоцна од други луѓе разбрав дека Аки бил иницијатор на средбата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон во Виена, во април минатата година, со влијателни личности во европската политика.
Си заминав од „Соле“ со искрена надежа дека повторно ќе се вратам. До тогаш Аки останува да биде наш вистински амбасадор во еден познат главен мултикултурен град. Таму сме и ние. Таму е нашиот Аки.

Хазир Мехмети, публицист од Виена

Бедри Реџалари

Коментари