Волшебникот од Оз – рецепт за сите

Ретки се миговите на целосно опуштање, задоволство, но и на доживување врвна есетска изведба на штиците, за кои одамна е речено дека живот значат . Па затоа што тие мигови во современиот македонски театарски простор се ретки, за чинителите на магичниот сценски живот, но и за публиката, стануваат драгоцено сеќавање и искуство. Токму такви незаборавни мигови неодамна приреди премиерната изведба на претставата ” Волшебникот од Оз”, во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Правена според светски популарното дело на американскиот автор Лиман Френк Баум , патем речено , напишано и повекепати екранизирано од почетокот на 20 век до денес, во драматизација на Маја Енчева од Бугарија и во превод и препев на нашиот поет Никола Маџиров. Како музичко – сценски спектакал, претставата ја постави долгогодишниот соработник и пријател на  Театарот за деца и младинци, режисерот Боњо Лунгов од Бугарија. Тој создаде волшебен свет од музика, песни и игра низ раскошен мјузикл, направен според сите стандарди што ги подразбира овој театарски жанр.

Приказната на отсонуваните авантури на девојчето Дороти, Лунгов ја структурира како спој на драмскиот со театарот на кукли. Низ динамичното дејство, во кое повеќе се пее, отколку што се говори текст, не води актерската екипа во состав: Нина Деан, Драган Довлев, Тања Кочовска- Павловска, Ана Левајковиќ- Бошков, Мартин Јорданоски, Петар Стојковиќ, Ефтим Трајчов и Марија Ѓорѓијовска. Тие се успешен спој на младост и искуство, а поединци меѓу нив толкуваат и по две рољи, драмска и куклена. Раскажуваат приказна за патувањето на Дороти со нејзиното куче Тото низ фантастичната земја Оз , заедно со ново стекнатите пријатели Страшилото, Лимениот човек и Лавот.

Патувањето, исполнето со искушенија на оваа смешно-тажна четворка до Смарагдниот град, каде секој од нив очекува помош од Волшебникот, за да го добие тоа што му недостасува, е симболично патување до вредностите кои децата треба да ги научат, а ние возрасните да се потсетиме на нив, оти во секојдневната трка со животот, како да ги подзаборавивме. Тоа се љубовта, припадноста, вистината, истрајноста, храброста и мудроста. Во оваа порака е сублимирана најголемата вредност на приказната. Таа  надминува било каков пригоден контекст и патува директно до нашата зачмаена свест, за да не соочи со потребата од спознавање и преродување, без што тешко ќе бидеме подобри луѓе во иднина.

Што се однесува до првокласно доловениот фантастичен свет од Земјата Оз, на режисерот тоа не ќе му успееше без неговите соработници од Бугарија: Константин Каракостов , Дилјана Прванова ,Михаил Шишков, Величко Каракостов  и Петко Лунгов. Тие создадоа разиграна и распеана сцена со грст изразни сретства како што се кукли, видео, платна, мултимедија и кореографија. Се заедно остави впечаток на мјузикл за веселиот свет од фантазијата и соништата . Најмногу освојува спознанието дека тоа не е само детски, туку е сон во кој и возрасната публика лесно се препушта и со отворено очи го сонува до последната сцена, заедно со ликот на Дороти. Потоа радосна и исполнета, таа иста публиката си оди дома. Остануваат во сеќавање миговите на опуштање, задоволство и на прикажана врвна естетка изведба на сцената на Театарот за деца и младинци.

Сотир Трајков

Коментари