Водич низ СКОПЈЕ

ПРИОРИТЕТНИ ПРОБЛЕМИ СО ПОЧИТУВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

 

Овој извештај е изготвен во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“.

„Дали личиме на ЕУ? – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ има за цел подигнување на свеста кај јавноста за постојните пречки за почитување, заштита и мониторинг на човековите права во земјата преку изработка на кратки документарни филмови и анимирани видеа. Извештајот преку дефинирање на приоритетни области дава преглед каде се потребни реформи и каде нашата земја останува зад земјите-членки на ЕУ во поглед на остварување и заштитата на човековите права. Во него се прикажува постојната состојба (фокусирајќи се на дефинираните приоритетни области), се дава преглед на тоа како се почитуваат и штитат човековите права во дефинираните области во земјата, кое законодавство, кои тела и институции се одговорни и каде граѓаните можат да се пожалат за непочитување на нивните права или да побараат заштита, каков вид процедури ги очекуваат за да добијат соодветен одговор или ако треба, реакција од надлежните институции.

Извештајот поставува прашања кои ќе добијат одговор преку снимените документарни филмови како дел од проектните активности. Активностите на проектот се насочени кон развивање на механизми за набљудување на човековите права и подобрување на заштитата при спроведувањето на основните права и слободи, како и откривање на што треба да сторат институциите за да работат врз основа на принципите на ЕУ. Се посочуваат примери од земјите членки на ЕУ кои имаат постигнато најдобри резултати во дефинираните приоритетни области за Република Северна Македонија. Од кои земји-членки може земјата да учи и собира искуства со цел да се подобри состојбата со човековите права на различни нивоа, кои најдобри практики можеме да ги искористиме за да ја подобриме нашата реалност, а со самото тоа, од хартија, да почнеме реално да ги спроведуваме политиките на ЕУ.

Комплетните извештаи на македонски и на англиски јазик се на следните линкови:

Овде ги дефинираме следните приоритетни области и за истите даваме приказ во различни поглавја:

  • Права на лица со попреченостДали лицата со попреченост ги уживаат сите слободи и права во нашата држава? Што е гарантирано со Устав, закон и меѓународни договори? Што презема државата, а што треба да преземе? Дали лицата со попреченост уживаат еднакви можности? Ги почитува ли државата меѓународните договори кои ги ратификувала и на кои се обврзала дека ќе ги почитува и спроведува? Каква е состојбата во земјите-членки на Европската унија и колку ние личиме на ЕУ?
  • Права на детето – Се почитуваат ли детските права во нашата држава? Се води ли доволно сметка за нивна максимална заштита? Нивна вклученост во процесите кои реално бараат да се слушне и нивното мислење, како на пример образованието? Функционираат ли државните механизми за заштита на детските права?
  • Работнички права Се почитуваат ли работничките права во нашата држава? Дали законските одредби кои се однесуваат на работничките права се така создадени да може лесно да се манипулираат и злоупотребуваат на сметка на работниците?
  • Право на здрава животна средина – Лошата состојба во скоро речиси сите аспекти на животната средина се почесто се споменува како проблем што треба да се реши пред да пристапат земјите од Западен Балкан кон Европската унија. Оваа поглавје дава приказ како правото на здрава животна средина се практикува и штити во РСМ;
  • Родова еднаквост – Дали гласните заложби за родова еднаквост се фактички, или само декларативни? Што постигна нашата држава на полето родова еднаквост? Имаат ли мажите и жените за иста работна позиција еднаква плата, се поставуваат ли доволно жени на раководни позиции, каква е сосотојбата во приватниот сектор, а каква е во јавниот?
  • Судска власт – Дали судската власт е независна? Зошто и покрај толку многу извештаи, обуки и грантови, континуирано расте недовербата на граѓаните во судството? Што е она што е потребно за да се постави судскиот систем на стабилна основа и на тој начин судството да стане имуно на политички и други штетни влијанија кои го разоруваат и го прават крајно неефикасно и пристрасно. Судската власт е третата власт во државата, покрај законодавната и извршната, на која Уставот и дава потполна автономност и независност. Можат ли навистина судовите да им обезбедат ефикасна заштита на правата на обичните граѓани, во разумен рок и според принципот на владеење на правото?
  • Право на правично судење – Согласно Уставот на РСМ, на граѓаните во државата им се гарантираат основните слободи и права. Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Секој граѓанин има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси. При одлучувањето за граѓанските права и обврски и при одлучувањето за кривичната одговорност, секое лице има право на правично и јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон. Никому не може да му биде ограничен пристапот пред судовите во заштитата на основните права и слободи поради недостиг на материјални средства.
  • Јавна администрација Капацитетот и работењето на јавната администрација е еден од клучните проблеми во Република Северна Македонија што влијае на квалитетот на животот на граѓаните и на напорите на земјата да ги исполни стандардите за влез во Европската унија. Овие проблеми се регистрирани во скоро секој извештај за напредок на земјата кон ЕУ. Унијата го дефинира правото на добра администрација како основно право на своите граѓани, каква е ситуацијата кај нас?
  • Здравје и пристап до здравствени услугиЕден од најкритикуваните сектори во нашата држава – здравствениот сектор. Поради проблематиката на која се однесува, недоволниот здравствен кадар во државните здравствени установи, висината на платите, застареноста на објектите и лошата опременост, хаотичната организација на работата, овој сектор претставува еден од најголемите ризик фактори за појава и развивање на корупцијата. Ужива минимален углед и голема недоверба кај граѓаните. Можат ли граѓаните да ја добијат квалитетна и навремена здравствената заштита за која плаќаат и имаат право? Зошто граѓаните, барем оние кои финансиски тоа можат да си го дозволат, го заобиколуваат јавното здравство (иако за тоа плаќаат придонеси) и услуга бараат од приватното здравство? Има ли државното здравство капацитет, соодветна опрема и доволно човечки ресурси за да одговори на дневна основа навремено и стручно во пружање на потребната здравствена заштита на граѓаните?
  • Права на стари лица – Заради својот претежно традиционален начин на фукционирање, општествената поставеност, државата досега избегнува да се соочи со проблемот на самотија и напуштање на старите лица, кој е вообичаен и добива соодветен третман во развиените земји. Сепак, овој проблем веќе е на вратите во посиромашните региони каде што стапката на миграција е висока, родителите и повозрасните остануваат дома додека помладите семејства бараат подобар живот во странство. Правото на достоинствен живот на постарите граѓани го гарантира Европската унија;
  • Права на младите во општеството – Европската унија посветува многу внимание во поттикнувањето на младите луѓе да учествуваат, да бидат вклучени во демократските процеси и во општеството. Младите креираат политики кои влијаат на квалитетот на животот од различни аспекти. Но, состојбата кај нас покажува слика во која партиската поделба е силно вклучена кај младите, учениците, училишните движења и влијае на кохезијата на гласовите на младите. Независните млади гласови се маргинализирани и насочени кон помалите невладини организации кои се прилично активни, но зависат од финансирањето. Сè на сè, тешко е да се идентификува автентичен глас на младите во општеството и на политичката сцена;
  • Потрошувачки права и заштита – Заштитата на правата на потрошувачите исто така е во групата основни права во земјите-членки на Европската унија. Кои се нашите основни права како потрошувачи? Каде да се обратиме ако како потрошувачи нашите права се повредени? Кој е одговорен ако не ја добиеме услугата за која сме платиле, ако квалитетот не соодветствува на декларацијата на производот за кој сме платиле? Друг пример е што на европско ниво беа направени големи напори за решавање на прашањето за разликите во квалитетот на производите дистрибуирани во западните и источните земји-членки. За промена на оваа состојба малку е направено. Истражуваме зошто и како до подобри услуги за потрошувачите;
  • Права на ЛГБТ заедницата – Кога станува збор за ЛГБТ, Балканот нема некој имиџ дека ги следи светските текови во однос на ова прашање, туку едвај е на изгрејсонце од аспект на почитување на правата на ЛГБТИ заедницата. Често пати се слчува припадниците на оваа заедница да се шиканирани, да немаат еднаков пристап до работно место, а здруженијата кои се борат за правата на ЛГБТИ заедницата да се под закана, а нивните членови напаѓани. Каков пат треба да се изоди, како да се подобри положбата на припадниците на ЛГБТИ заедницата во општеството, начините на охрабрување и заштита од страна на институциите и подигање на свеста кај граѓаните истражуваме во земјите членки на ЕУ, а најдобрите практики ги пренесуваме кај нас. Откриваме кои се пречките и кој е начинот да се надминат. Иако и во земјите членки на ЕУ може да се забележат големи разлики во прифаќањето на ЛГБТ заедницата;
  • Право на бизнис и заштита на конкуренција – Честопати се занемарува дека правото на водење бизнис е заштитено како основно право од страна на Европската унија. Ова право датира од француската револуција од 1789 година, кога беше укинат застарениот систем на еснафи со ограничување на конкуренцијата и на сите граѓани им беше дадено право да се занимаваат со бизнис. Според последните истражувања и најнови студии, РСМ не само во практика туку и на хартија треба да ја подобри легислативата и да ја усогласи со европската, бидејќи има една од најмалку конкурентските економии во цела Европа, со многу ограничувања, што како последица прави вработувањето во државната администрација да биде попожелна и поатрактивна кај граѓаните. Што најчесто е поврзано со партиската припадност, а кај неутралните пак создава чувство на алиенација и желба да емигрираат;
  • Право на заштита на приватност – Сведоци сме на секојдневно кршење на правата на приватност на граѓаните на многу начини, понекогаш дури се водат и политички кампањи против луѓе, активисти на невладини организации, новинари и други, во кои е изложен нивниот приватен живот; Организациите за заштита на приватноста и личните податоци речиси и да не реагираат или пак кога реагираат, немаат никакво реално влијание. Ги следиме најдобрите европски искуства и правиме компарација што е она што треба да се преземе за да и во оваа област заличиме на ЕУ;
  • Право на слобода на изразување – И покрај загарантираното право на слобода на изразување, медиумите и граѓаните не се чувствуваат целосно слободни да зборуваат за сите проблеми, што доведува до тивко прифаќање на лошите услови на работното место, здравството, администрацијата и сл. Од друга страна, недостигот на одговорност, интегритет и независност при практикувањето на оваа слобода води до политичка манипулација во пренасочување на расположенијата или револтот на граѓаните во насоки посакувани од политичките сили со различни цели отколку постигнување на јавниот интерес;
  • Права на лица кои се зависници – Случаите на дискриминација врз зависниците во земјата се чести, а често резултираат со ограничување на нивниот пристап до здравствена заштита. Општата перцепција за луѓето кои се борат со зависноста е дека тие се одговорни за нивната состојба, иако медицинските и социолошки истражувања укажуваат на тоа дека развојот на зависност од супстанции првенствено е резултат на низа социјални фактори. Зависниците во земјата се соочуваат со ограничувања во пристапот до основна здравствена заштита, вработување, застарени третмани, па дури и отсуство на редовна терапија за лекување на нивната зависност. Местата каде се дистрибуира таква терапија се многу ограничени, а има дури и протести со кои се бара преместување на центрите за лечење на зависници надвор од градските области. Обидите за проширување на мрежата на вакви центри се долу на приоритетите, а поради изложеноста на јавни напади, може да се каже дека се и целосно напуштени;
  • Права на осудени лица – Пренатрупаноста во затворските одделенија, лошите хигиенски услови кои негативно влијаат врз здравјето на затворениците, недостатокот на минимални услови во затворските ќелии, лошата здравствена ситуација со која се соочуваат осудените лица, отсуство на можности за дополнително образование, квалитетот на храната која ја добиваат осудените лица се само дел од големиот број на прашања кои бараат одговори. Степенот на дискриминација врз основа на национална и етничка припадност, како и врз основа на материјалната состојба на затворениците, користењето на прекумерна сила од страна на затворските службеници е прашање што се покренува сите овие години. Извештаите на Европската Унија за ситуацијата со казнено-поправните установи и воспитно-поправните установи со години наназад го имаат испратено алармот за дејствување и решавање на овие горки прашања поврзани со установите. Нотиран е одреден напредок, подобрување на условите, но тоа ниту оддалеку не е доволно за да се доближиме до европските стандарди;
  • Право на глас (активно и пасивно)Еден од основните предуслови за владеење на правото и практикување на демократијата во една модерна држава е овозможувањето на избирачкото право. Слободното избирачко право, одржувањето на слободни и демократски избори и почитување на резултатите на вака одржаните избори овозможува легитимитет и легалитет на владата. Изборите, од друга страна, даваат реална слика за актуелното ниво на демократијата што е постигнато во одредено општество. Оттаму, многу е важно да се обезбеди квалитетен и соодветен изборен систем, како збир на принципи и процедури со кои треба да се обезбедат слободни, непосредни, тајни и демократски избори, како темелна вредност на уставниот поредок дефинирана во член 8 од Уставот на РСМ. Гарантирањето на избирачко право, е клучно за воспоставување и одржување на темелите на ефективна демократија, управувана со почитување на принципот на владеење на правото. Сепак длабоката партиска поделеност доведе до последица поголем број на граѓаните правото на глас да не го користат, како што беше случајот со послабата излезност, едвај над 50 отсто на последните вонредни парламентарни избори во април 2020г.
  • Право на слобода на здружување – Уставот гарантира слобода на здружување. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други лица, заради остварување и заштита на своите политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Истражувавме и споредувавме колку ова право се почитува во Република Северна Македонија, и колку навистина граѓаните се слободни при здружување?;

Комплетните извештаи на македонски и на англиски јазик се на следните линкови:

Коментари